Османи ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот Амбасадор на Канада во Република Северна Македонија, Џајлс Норман

11 март 2021

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи денес го прими Џајлс Норман, новоименуван вонредeн и ополномоштен амбасадор на Канада во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, кој во оваа прилика ги предаде копиите на акредитивните писма.

Министерот Османи, посакувајќи му добредојде и успех во вршењето на функцијата, изрази очекување дека позитивниот развоен тренд на односите меѓу двете пријателски земји успешно ќе продолжи и за време на неговиот мандат.

На средбата, билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Канада беа оценети како блиски и пријателски, засновани на стратешко партнерство меѓу двете земји и споделување на НАТО вредностите и приоритетите.

Исто така, беше потврден заедничкиот интерес за натамошно унапредување на билатералната соработка во повеќе конкретни области, со посебен акцент на економската соработка, како и продолжување на успешната мултилатерална соработка.

Амбасадорот Норман ја пренесе канадската поддршка за реформските процеси кои ги спроведува Владата на Република Северна Македонија и ги поздрави надворешно-политичките достигнувања, акцентирајќи дека со членството во НАТО и перспективата за отпочнување на пристапни ЕУ преговори, нашата земја се легитимира како кредибилен партнер кој значително придонесува за мирот и безбедноста во регионот и пошироко.